Познат составот на новата германска влада
Социјалдемократите ги соопштија имињата на нивните министри во кабинетот на Ангела Меркел. Ќе имаат шестмина, меѓу кои и новиот шеф на дипломатијата Хаико Маас. Се очекува наскоро и официјално да биде формирана Владата во Берлин...

Социјалдемократската партија на Германија како дел од идната Демохристијанска- социјалдемократска коалиција ги претстави шесте членови на кабинетот. Моменталниот вршител на должноста, претседател на СПД, Олаф Шолц ќе ја преземе функцијата министер за финансии и вицеканцелар.
„Собравме добар тим кој може добро да соработува. Тоа се експерти и тим составен од мажи и жени еднакво способни за решавање на задачите кои се пред нас“, изјави Шолц.
Досегашниот министер за правосудство, Хаико Маас ќе биде нов министер за надворешни работи, а неговиот ресор ќе го преземе Катарина Барли, досегашната министерка за семејство(женски прашања) и генерална секретарка на СПД. Нејзиното место ќе го заземе досегашната градоначалничка на берлинската општина Нојкелн, Франциска Гифеј. Со Министерството за труд и социјална заштита ќе раководи Хјубертус Хајл. Доскорешната главна секретарка на СПД, Свења Шулце ќе раководи со Министерството за заштита на животната средина.
Откако претходно партиите Христијанско- демократската унија и Христијанско- социјалната унија ги претставија своите девет министри, четвртиот кабинет на Ангела Меркел е комплетиран. Демохристијаните ги преземаат министерствата за економија, одбрана, здравство, земјоделство, образование и функцијата шеф на кабинетот на канцеларот. Христијанско- социјалната унија пак ќе раководи со Министерството за внатрешни работи, сообраќај и развој. Изборот на старо- новата канцеларка Меркел би требало да биде објавен следната недела, речиси половина година по парламентарните избори, кога заклетва ќе положат и членовите на новата Влада. Со тоа ќе се стави крај на најдолгиот период во кој Германија ја предводеше техничка влада.
Марина Ристова
