Реакции: Одлуката на Трамп за алуминиумот и челикот- напад врз светската трговија
Одлуката на американскиот претседател Трамп за алуминиумот и челикот е напад врз светската трговија, предупреди Кина. Реакции и од Јапонија и од Јужна Кореја. Брисел бара одговори, Канада задоволна оти за земјата нема дополнителни царини...

Најголемиот светски извозник на челик, Кина, ја смета одлуката на претседателот Трамп за сериозен напад врз нормалниот светски трговски поредок, најавувајќи спротивставување и контрамерки. За Јужна Кореја, која е трет по големина извозник на челик во САД, ова е трговска војна.
„Ние мораме да ја спречиме трговската војна предизвикана од непотребен протекционизам, во кој губитник ќе биде целиот свет“, изјави Пајк Ун- Гиу, министер за трговија на Јужна Кореа.
Јапонија изрази жалење по одлуката на Трамп и соопшти дека ќе има силно влијание врз билатерални односи со САД. Индија соопшти дека мерките ќе предизвикаат загуба во нејзиниот извоз од 130 милиони долари.
Официјален Брисел со став дека ЕУ е „близок сојузник“ на САД и дека треба да биде исклучена од овие мерки.
„Ќе побарам појаснување во врска со ова прашање во деновите што доаѓаат. Во саботата во Брисел ќе разговараме за ова со трговскиот претставник на САД, Роберт Лаитизер“- реагираше на Твитер еврокомесарката за трговија Сесилија Малмстром.
Канада официјално ја поздрави одлуката на Трамп да ја исклучи Отава при воведувањето дополнителни царини за челик и за алуминиум.
„Одлуката да се исклучи Канада е логична и таа е вистинската. Кога станува збор за разговорите за НАФТА, од самиот почеток рековме дека се залагаме за модернизација на овој договор“, рече Кристиа Фриленд, министер за надворешни работи на Канада.
Слично реагираше и Мексико чија трговија со САД надминува 560 милијарди годишно.
Свето Николовски
