Да не се повтори и да не се заборави: 75 години од депортацијата на македонските Евреи
Не сме ги заборавилле настаните од пред 75 години, тоа се нечовечки нешта направени од нацистите, изјави во Скопје бугарскиот премиер Борисов. За премиерот Заев, единствен престап на Евреите било нивното постоење. Да не се повторат злосторството и депортацијата во време на фашистичката окупација на Македонија...

Одбележани 75 години од депортацијата на македонските Евреи. Жалење и осуда за депортираните и убиените во логорот Треблинка. Испратена порака да не се повтори такво злостороство.
Премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов, се поклонија пред споменикот што во сеќавање на Евреите од Македонија е подигнат во кругот на некогашниот Монопол.
Не сме ги заборавиле настаните од пред 75 години, тоа се нечовечки нешта направени од нацистите, изјави во Скопје бугарскиот премиер Борисов.
„Ние многу жалиме и затоа сме тука, затоа што секој човек , секој оној кој бил пратен да изгори во логорите не треба да го заборавиме, а тоа не се случи толку одамна. Пред само 20 години и на територијата на Балканот се разгореа ни помалку жестоки и крвави настани. И за тоа дојдовме да ја искажеме нашата почит кон убиените. Да разбереме дека на балканот треба да градиме, да работиме заедно“, изјави бугарскиот премир, Бојко Борисов.
Според Заев, единствен престап на Евреите било нивното постоење. Да не се повторат злосторствата и депортацијата во време на фашистичката окупација на Македонија.Посочи дека македонскиот народ е сплотен во осудувањето и сеќавањето на депортацијата на нивните сограѓани во Треблинка и дека тоа е повеќе од само симболично.
„Денес ги повторуваме лекциите од минатото за уште посилно да си го осветлиме патоказот за иднината кој заеднички го избравме. Омразата не е наш избор“, истакна премиерот Заев.
Заев и Борисов претходно учествуваа во поворката симболично наречена „Марш на живите“ која почна од Музеј на Град Скопје и заврши во дворот на Тутунскиот комбинат, во која беа претставници од Владата, Собранието, од Еврејската заедница во РМ, странски гости и делегации.
Седумдесет и пет години од трагичниот настан вчера беа одбележани и во Битола и Штип во кои, покрај Скопје, еврејските заедници биле најбројни до Втората светска војна.
Ноќта меѓу 10-ти и 11-ти март 1943-та година биле уапсени сите Евреи во Македонија и затворени во Монополот, кој тогаш бил привремен концентрациски логор. Најмногу Евреи имало од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Според евиденцијата на тогашните окупатопрски власти, уапсени биле 7.144 Евреи.
