Први парламентарни избори по владеењето на Кастро

12.03.2018 13:19

Куба влегува во претпоследната фаза на процесот со кој завршува ерата на владеењето на семејството Кастро. На еднопартиското гласање се бираше нов состав на Националното собрание. За наследникот на Раул, ќе се гласа во април. Најголеми шанси има неговиот заменик, Мигел Диаз Канел кој најави справување со американското ембарго на демократски начин...

Куба го направи последниот политички потег пред ветената транзиција од основачите на комунистичката земја кон помладата генерација на лидери.

Заедно со милиони Кубанци, 57-годишниот потпретседател Мигел Диаз Канел гласаше за ратификување на кандидатската листа за Националниот парламент, одобрена од владата, кој треба да се состане на 19 април. Канел, којшто веројатно ќе ја преземе функцијата од Раул Кастро, се надева дека идната влада ќе биде повнимателна кон барањата на народот. Незадоволен е од односот со Вашингтон во мандатот на претседателот Доналд Трамп, потенцирајќи дека повторното воспоставување било загрозено поради администрацијата којашто, како што вели, ја навредила Куба.

Народот ќе учествува во одлуките на Владата. Луѓето може и да отповикаат некого доколку не ги исполнува обврските. Мора да има фокус на односот, врските, барањата на народот, да се анализираат темелно проблемите и да се отворат дебати“, изјави Мигел Диаз Канел, потпретседател на Куба.

Покрај листата за формирање на националниот парламент од 605 членови, се гласаше и за втора со која се конституираат 14 провинциски парламенти со вкупно 1.265 делегати. Кандидатите не се обврзани да бидат членови на Комунистичката партија, која и натаму ќе ја предводи Кастро и отакако ќе се повлече од претседателското место.

Кубанската економија се соочува со проблеми поради намалената поддршка за нејзиниот главен поддржувач Венецуела, и влошените односи со Вашингтон. Островската земја има недостиг од квалитетен здравствен и образовен систем, а граѓаните се револтирани и од основните услови за живот.

 

Маја Филдишев