Димитров: Со црвени линии не се оди на преговарачка маса

12.03.2018 14:51

„Сакаме решение за името, но не зависи сѐ од нас“, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров по средбата со министерот за надворешни работи на Полска, Јацек Чапутович. Тврди дека се бара достоинствен компромис. Не прецизира кога Коѕијас со грчката нацрт- спогодба ќе пристигне во земјава...

Со црвени линии не се оди на преговарачка маса, вели шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров за последните случувања на релација Скопје- Атина. Сѐ уште ја нема добиено нацрт- спогодбата од грчкиот колега Коѕијас, кој треба да ја посети нашата земја до крајот на месецов.

„Ако повторуваме позиции јавно, тие стануваат црвени линии, а со црвени линии не се оди на состанок со другата страна. Иако и јас имам желба да се отворам сосема, ќе биде грешка, и во таа стапица не би требало да влегуваме“, изјави шефот на дипломатијата, Димитров.

Краткиот период до јунскиот самит е најголемииот предизвик со кој се соочува Владата, вели Димитров. Појаснува оти целта е да се постигне достоинствен компромис со соседот, да постои јасна дистинкција меѓу држвата Македонија и регионот Македонија, а притоа да не се чепнат идентитетските прашање.

Шефот на дипломатијата имаше средба со полскиот колега Чапутович, чијашто земја дава поддршка за евроатлантските процеси на нашата држава. Како позитивни чекори ги наведе договорот со Бугарија, промената на имињата на аеродромот и на автопатот.

„Заедно со другите земји од ЕУ ќе придонесуваме за зближувањето, ќе видиме како ќе се одвиваат тие разговори. Одредени очекувања поврзани со зачувување на државниот идентитет се многу важни и треба да бидат земени в предвид“, рече полскиот министер за надворешни, Чапутович.

Двајцата министри изразија надеж за јакнење на економската соработка меѓу Македонија и Полска.

 

Марина Стојанова- Тонева