„Јосип Броз Тито и распаѓањето на Југославија“ - нова книга на С. Андов

24.02.2014 11:18

„Матица македонска“ ја објави книгата „Јосип Броз Тито и распаѓањето на Југославија“ од политичарот, писател и публицист Стојан Андов. На над 400 страници авторот разгледува и разјаснува бројни политички прашања и настани сврзани со подемот и падот на поранешната југословенска федерација.

- Драмата и трагедијата на југословенските народи при распаѓањето на СФРЈ на разни начини и во разни области на животот на граѓаните беа и се чест предмет на мисловна преокупација и обработка. Многу уметнички творби во книжевноста, драматургијата, кинематографијата и публицистиката, за своја основа ги имаат тие драматични настани. На тие настани посветени се бројни уметнички, публицистички и научни дела на автори од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора. Книгата „Јосип Броз Тито и распаѓањето на Југославија е прв посеопфатен публицистички труд од македонски автор, кој повеќе децении професионално бил ангажиран во министерствата и дипломатските претставништва и бил непосреден сведок во политичките збиднувања на југословенската федерација, соопшти издавачот.

Стојан Андов по неговото пензионирање и повлекување од политичкиот живот, активно се посвети на пишување литературни и публицистички дела. Во изминатите години ги објави делата: „На мој начин“, „Источни патувања“, „Од мој агол“, „Стравот и љубовта“, „Кицо Американецот“ и „Враќањето на Американецот“.