СЈО ги доби списите од „Монструм“, судењето одложено за 17-ти април

14.03.2018 12:57

СЈО ги доби списите од случајот „Монструм“, трае законскиот рок за нивнот разгледување по што ќе следува одлуката за произнесување надлежност за убиствата крај Смилковско Езеро во 2012-та. Судењето се повторува по решението на Врховниот суд. Родителите на децата се револтирани поради одложувањето на рочиштето за 17-ти април, одбраната вели- сите се оштетени во случајов...

Специјалното јавно обвинителство ги побара и во понеделникот ги добило списите од случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Обвинителите имаат рок од осум дена да ги проучат документите и да решат за надлежноста.

Од тоа ќе зависи дали на наредното рочиште закажано за 17-ти април во судската сала  дали предметот ќе го застапува обвинител на СЈО или колега од обвинителството за организиран криминал.

Од овие причини, од СЈО неделава упатиле барање до судот за одложување на денешното рочиште. Родителите, чии деца беа убиени на брегот на езерото, револтирани поради повтореното одложување.

Одбраната очекува СЈО да го преземе предметот, затоа што според нив, поседува аудио снимки од прислушувани разговори со кои може да се расветли случајот.

Судењето за случајот „Монструм“ почна од почеток откако Врховниот суд ја укина пресудата со која шест лица беа осудени на казна доживотен затвор под обвинение за тероризам.

Обвинителот на претходното и повторено рочиште не го измени обвинението. Убиствата, според него, се терористички чин.

 

Анита Димитријевска