Средба на Џафери со Заев и Мицкоски, пред Собранието протести
Предлог- законот за јазиците во трето читање, денеска повторно на распоредот на работата на пратениците. За контроверзниот документ што внесе спротивстваени гледишта меѓу власта и опозицијата, но и меѓу граѓаните во земјата, во Собранието разговараат спикерот Џафери со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Мицкоски. Пред Собранието протести против предлогот, зад собранието силно полициско обезбедување...

Пратеничките групи во Собранието на Република Македонија, пред почетокот на седницата за Законот за употреба на јазиците, одржуваат координативни средби на кои присуствуваат и лидерите на нивните партии.
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во моментов е на координација со пратениците од неговата партија и коалицијата, додека координацијата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е веќе завршена, а на неа, според информации на пратеничката група, присуствувал и лидерот Христијан Мицкоски.
Половина час пред почетокот на седницата во собраниската зграда дојде и лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој кусо изјави дека очекува законот да биде донесен.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по координацијата не откриваат како ќе настапат на денешната седница на која на дневен ред се нивните над 35.000 амандмани. Само велат дека законот не треба да биде донесен без да има амандманска расправа.
Премиерот Зоран Заев во понеделникот изјави дека очекува неделава да биде затворено прашањето за Законот за употреба на јазиците. Мицкоски, пак, повика на разгледување на амандманите и разум.
Пред Собранието на Република Македонија, во моментот се одржуваат протести. Граѓаните кои протестираат бараат да не се гласа за законот.
Седницата е закажана во 13 часот, но е неизвесно кога ќе започне.
