Стивен Хокинг- генијален ум на модерното време

14.03.2018 13:20

Научната фела се збогува со еден од најголемите умови во историјата на денешницата. Британскиот теоретски физичар Стивен Хокинг почина на 76-годишна возраст во својот дом во Кембриџ. Значаен придонес направи во областа на космологијата и квантната гравитација. Вниманието на светот го привлекуваа и неговите теории за застареноста на религијата и за постоењето на можност со контакт до вонземски интелегенции. За време на мандатот на Барак Обама го доби и претседателскиот Медал за слобода, највисоката цивилна почест во Америка...

„Револуционерен научник“ и „медицинско чудо“, се само дел од атрибутите кои му се припишуваат на генијалниот ум на модерното време Стивен Хокинг којшто почина на 76-годишна возраст. Значаен придонес направи во областа на квантната гравитација. Прв ја претстави Теоријата на космологијата како единство на релативноста и квантната механика, а револуционерни откритија имаше и за црните дупки за кои тврдеше дека исчезнуваат поради испуштање на мало количество субатомски честички, феномен кој подоцна станува познат како Хокингова радијација.

Демонстрираше дека Теоријата на релативноста на Ајнштајн покажува дека времето и просторот почнуваат во Големата експлозија и завршуваат во црните дупки. „Кратка историја на времето“ е едно од неговите ремек-дела кое се задржа околу четири и пол години на првата позиција на листата бестселери на британскиот „Сандеј тајмс“.

Но генијалниот ум не беше единственото нешто што го фасцинираше светот. Хокинг беше познат и како „чудо на природата“, бидејќи ги порекна лекарските предвидувања за кус животен век откако му беше дијагностицирано смртоносно заболување. Покрај целосната парализа, Хокинг ја загуби и способноста да говори, па комуницираше преку компјутерски софтвер.

Неговиот монументален  придонес е документиран и надвор од академскиот свет. Физичарот беше дел во неколку телевизиски серии, а приказната за неговиот живот ја одигра оскаровецот Еди Редмејн во биографскиот филм „Теоријата на сѐ“.

 

Маја Филдишев