Бејли: Македонија и Грција да дојдат до заедничко решение
Македонија и САД се пријатели и сојузници, и имаат соработка на сите нивоа. Вашингтон внимателно ги следи настаните за името и смета дека двете пријателски држави треба да најдат заемно прифатливо решение- изјави американскиот амбасадор Џес Бејли. Американскиот Мировен корпус упати апел за зголемување на бројот на волонтери во Македонија...

САД поддржуваат решение за името меѓу двата американски сојузници Македонија и Грција, изјави амбасадорот Џес Бејли. Официјален Вашингтон останува партнер на земјава.
„Ние внимателно ги следиме Македонија и Грција, кои се наши пријатели и сојузници. Се надеваме дека тие заедно ќе можат да дојдат до заеднички прифатливо решение за името кое ќе им помогне на двете држави и на регионот“, изјави американскиот амбасадор Џес Бејли.
Соработката со Американците се одвива на повеќе нивоа. Волонтери на Мировниот корпус во изминатите 21 година им помагаат на општините, училиштата, невладините организации. Ги изучуваат македонскиот јазик и култура и ги запознаваат жителите на Македонија со нивните обичаи.
„Иако потполно не се разбираме бидејќи имаме различни јазици и култури, сепак можно е многу да постигними кога работиме заедно кон заедничката цел“, изјави Џејмс Дин- волонтер на Американскиот Мировен корпус во Пробиштип.
Во моментов околу 100 волонтери живеат во Македонија, но Мировниот корпус сака да се зголеми нивниот број.
„Секоја година добиваме по околу 50 нови волонтери, кои живеат во Македонија по две години“, вели Марк Ханафин- директор на Американскиот Мировен корпус во Македонија.
Од 2005- та година, над 700 волонтери на Американскиот Мировен корпус живееле и работеле во 43 македонски општини.
Ирина Гелевска
