Метеж пред шалтерите на УЈП, последен рок за даночни пријави

14.03.2018 15:27

Метеж на шалтерите на УЈП. Се чека 5 до 12 за поднесување годишна даночна пријава...

Метеж на шалтерите на Управата за јавни приходи. Утре е последниот рок до кога граѓаните кои оствариле екстра приходи, треба да ги достават Годишните даночни пријави. Досега се поднесени над 334 илјади пријави. Се очекува уште 100 илјади даночни обврзници да ја исполнат својата обврска. Граѓаните секоја година чекаат до последен момент.

Освен на даночните шалтери, пријавите може да се поднесат и преку пошта и по електронски пат. За да се избегне метеж во Регионалната дирекција- Скопје, УЈП апелира граѓаните да ги поднесуваат пријавите и на шалтерите во Општините Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Аеродром.

Управата апелира да се исполни законската обврска, во спротивно, се предвидени казни. Од 1-ви јануари 2018-та година се воведува нова процедура за пресметување и плаќање на обврските за персонален данок преку новиот електронски систем.

 

Александра Спировска