Протест пред Собранието поради Законот за јазици

14.03.2018 15:55

Протест пред Собранието поради Законот за употреба на јазиците. Учесниците рекоа дека се против решението, кое според нив ја загрозува државава и предизвикува финансиски товар за земјава. Собирот се одржа под засилено полициско обезбедување...

Протест против Предлог- законот за јазиците пред Законодавиот дом. Граѓани ја блокираа улицата пред Собранието. Рекоа дека се собрани за да го изразат својот револт против предложеното решение. 

„Од времето, имало Македонци, Турци, Власи, Роми, Албанци, Срби и останати малцинства и не можеме ние да направиме само два јазика да се официјални, затоа што ова не е бинационална држава, ова е мултиетничка држава.“

„По којзнае кој пат, собрани сме овде да го кажеме своето НЕ за предавствата кои што се вршат врз Македонија и македонскиот народ.“

„Македонија со векови живеела со овој официјален македонски јазик и немало никакви проблеми“ - велат граѓаните.

Граѓаните од протестот велат дека се противат и на евентуалната промена на уставното име на Република Македонија . Сметаат дека пратениците треба да го слушнат мислењето на народот  пред да носат важни одлуки.

„Еднаш ни го сменија знамето, ни го сменија Уставот, сега што сакаат да ни сменат- и името и сѐ одново.“

„Треба и народот да се сослуша, не се само тие тука.“

„Народот треба да го каже гласот, тој знае како да ја брани Македонија, не смеат никакви закони да носат без да го прашаат народот“, велат граѓаните на протестот.

За време на протестот околу Собранието распоредено силно полициско обезбедување.

Наташа Гркова- Петрушевска