Законот за јазиците во Собрание, Џафери ја прескокна точката
Законот за употреба на јазиците повторно пред пратениците. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара Комисијата за деловничко и за мандатно- имунитетни прашања да решава за правото да се поднесуваат амандмани. Обвини за кршење на деловникот. Попладнево, нова координација...

Пред почетокот на пленарката, Заев, Ахмети и Мицкоски на одвоени кординации со своите пратенички групи. Во салата пак, тензично и меѓусебно надмудрување меѓу собранискиот спикер Џафери и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Со процедурална забелешка, Илија Димовски побара Комисијата за мандатно-деловнички прашања да расправа за аспектите поврзани со над 35-те илјади поднесени амандмани, кои како што рече, се однесуваат само на 19-те членови за кои претседателот Иванов укажал дека се неуставни.
Собранискиот спикер Џафери по неколку укажувања за пречекорување на времето за процедурално, му ги исклучи микрофоните.
И по партиските координации никој не откриваше детали како ќе се постапува по Законот за јазиците. Заев рече дека се транспарентни, Мицкоски се огласи преку Фејсбук профилот. Обвини дека власта и парламентарното мнозинство врши атак врз демократијата.
Џафери го прескокна Законот за употреба на јазиците, се премина на другите точки од дневниот ред. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ останаа во салата.
По изгласување на преостанатите точки, нова координација, овојпат на претседателот на Собранието со шефовите на пратеничките групи, по барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Миле Ристески
