Собрание на РМ

Донесен Законот за употреба на јазиците, во Собранието тензично

14.03.2018 16:55

Со 64 гласа „за“ донесен Законот за употреба на јазиците. Во Собранието, тензии, турканици, жестока реакција од опзициската ВМРО-ДПМНЕ која обвини за кршење на Деловникот и за носење на Законот на сила...

Тензично со турканици во пленарната сала, откако спекерот Џафери го стави на разгледување Законот за јазиците. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараа процедурално да говорат, по што дојде до туркање меѓу спикерот Џафери и пратениците.

Пред почетокот на пленарката, Заев, Ахмети и Мицкоски на одвоени кординации со своите пратенички групи. Во салата пак, тензично и меѓусебно надмудрување меѓу собранискиот спикер Џафери и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Со процедурална забелешка, Илија Димовски побара Комисијата за мандатно-деловнички прашања да расправа за аспектите поврзани со над 35-те илјади поднесени амандмани, кои како што рече, се однесуваат само на 19-те членови за кои претседателот Иванов укажал дека се неуставни.

Собранискиот спикер Џафери по неколку укажувања за пречекорување на времето за процедурално, му ги исклучи микрофоните.

И по партиските координации никој не откриваше детали како ќе се постапува по Законот за јазиците. Заев рече дека се транспарентни, Мицкоски се огласи преку Фејсбук профилот. Обвини дека власта и парламентарното мнозинство врши атак врз демократијата.

Ова е трето читање на Законот за јазиците откако претседателот Иванов го врати на доработка во Собранието.

Џафери го прескокна Законот за употреба на јазиците, се премина на другите точки од дневниот ред. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ останаа во салата.

По изгласување на преостанатите точки, нова координација, овојпат на претседателот на Собранието со шефовите на пратеничките групи, по барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

 

Миле Ристески