Џафери: Иванов ќе го прекрши Уставот ако не го потпише Законот за јазиците
Со изјавата дека нема да го потпише указот за прогласување на, по вторпат изгласаниот Закон за употреба на јазиците, претседателот Иванов се определи за таканареченото „џебно вето“. Доколку не го потпише указот, Иванов ќе го прекрши Уставот, изјави првиот парламентарец Џафери. Според СДСМ, Иванов делува како остаток на поразениот режим. ВМРО-ДПМНЕ не го признава Законот за јазиците и најави кривична за собранискиот спикер...

Претседателот Иванов ќе го прекрши Уставот доколку не го потпише указот за прогласување на Законот за јазиците, смета собранискиот спикер. Се повика на членот 75 од највисокиот правен акт, кој како што рече е јасен и по повторното гласање со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието, што е случај со Законот, претседателот на државата е должен да го потпише указот. Тврди дека сѐ е според законот и деловникот.
Претседателот Иванов изјави дека нема да стави потпис на указот за прогласување на законот за јазиците, бидејќи како што додаде, тоа не му го дозволуваат совеста и Уставот. Законот, договорен меѓу СДСМ и ДУИ е неуставен, неприменлив и штетен, без одобрение од граѓаните, смета шефот на државата.
Со најавите дека нема да го потпише Указот, Ѓорге Иванов се обидува да се стави над Уставот и дејствува како остаток на поразениот режим,велат од СДСМ. Иванов е на должност пред граѓаните и законите, а не пред партијата. Со непотпишување на Указот, Иванов работи спротивно на европските вредности и концептот едно општество за сите, што беше силно поддржан од граѓаните на последните изборни циклуси, стои во реакцијата од Социјалдемократите.
СДСМ и владејачкото мнозинство го погазија правото и ја деградираа правната држава, оневозможувајќи ја со закон загарантираната амандманска расправа, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија не го признава законот. Најави дека ќе го оспори пред Уставниот суд, но и ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери.
Со донесувањето на Законот за употреба на јазиците се заокружи нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор, со што Македонија ќе стане посилна, постабилна и покохезивна држава која силно чекори кон ЕУ и НАТО, вели претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби.
Потенцира дека она што до вчера било слабост- меѓуетничките односи, денес е најголем адут за Република Македонија. Во соопштението Груби наведува дека сега е потребно целосно посветување на преостанатите реформски закони и на решавање на спорот со нашиот јужен сосед за целосна интеграција на државата во НАТО и во ЕУ.
Собранието во тензична атмосфера со 64 гласа „за“, по втор пат го донесе Законот за јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници.
Милчо Велески
