„Катимерини“: На 22-ри март Коѕијас во Скопје, посетата во тензичен период

15.03.2018 13:22

Посетата, освен високата симболика, се очекува да донесе и суштински разговори на шефот на грчката дипломатија со државниот врв во Скопје, пишува „Катимерини“.

Посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас на Скопје, веројатно на 22-ри и 23-ти март, доаѓа во период на зголемени политички тензии по вчерашните случувања во Собранието по донесувањето на Законот за јазиците, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Коѕијас ќе оствари официјална посета во период кога во соседната земја постојат тензии, како што се покажа вчера за време на гласањето на новиот Закон за употреба на малцински јазици во поранешната југословенска Република Македонија.

Посетата, освен високата симболика, се очекува да донесе и суштински разговори на шефот на грчката дипломатија со државниот врв во Скопје, пишува „Катимерини“.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска заминува за Сараево, каде утре ќе учествува на меѓународна конференција. Од МНР најавија дека утре официјално ќе информираат, кога Коѕијас доаѓа во Македонија, откако ќе се координираат и со грчкото МНР.