Се заострува реториката меѓу Лондон и Москва

15.03.2018 13:29

Се заострува реториката меѓу Велика Британија и Русија. Советот за безбедност одржа вонредна седница при што двете страни излегоа со спротивставени ставови. Од Лондон регулаторното тело за медиуми најави одземање на дозволата за емитување на руската тв станица „Раша тудеј“...

Се заострува реториката меѓу Велика Британија и Русија поради случајот со труење на поранешниот Шпион Скрипал. На барање на Лондон одржана вонредна седница на советот за безбедност на Обединетите нации, на која британски официјални лица ја обвинија Русија за обид за убиство. Случајот го нарекоа незаконска употреба на сила на територија на друга членка на Обединетите нации.

Амбасадорката на САД во ОН, Ники Хејли рече дека нападот е дел од растечката криза околу употребата на хемиско оружје. И нејзиниот француски колега, Франсоа Делатр изрази јасна поддршка и целосна солидарност со Лондон, но без директно обвинување на Русија.

Москва ги негираше сите обвиненија. Амбасадорот на земјата во ОН рече дека тврдењата на британската страна во случајот Скрипал е тешко да се коментираат со дипломатски јазик.

Руските медиуми ја обвинија премиерката Меј дека ги влошила односите со Москва со објавата за протерување руски дипломати од земјата и додаде дека кризата во односите достигнала нова кулминација. Понатаму, медиумите пренесуваатт дека Русија ќе одговори симетрично што значи дека би можела да протера ист број британски службеници.

Британското регулаторно тело за медиуми предупреди дека на руската телевизија „Раша тудеј“ би можело да и биде одземена дозволата за емитување во Обединетото Кралство. Русија одговори дека доколку Велика Британија ја забрани „Раша тудеј“, ниту еден британски медиум нема да може да работи во таа земја.

„Не сум во главата на Тереза меј, но мислам дека на британската јавност најверојатно нема да и се допадне ако се затвори „Раша тудеј“ бидејќи поради тоа ќе се отворат и британските медиуми во Русија“, изјави Маргарита Симониан, главен уредник на „Раша тудеј“.

Поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка беа пронајдени во тешка состоба во англискиот град Салзбери на 4-ти март, отруени со нервниот агенс „Новичок“ кој е од руско производство. И двајцата се во критична состојба.  

 

Марина Ристова