Најавените врнежи не се опасност за поплави во Охрид

15.03.2018 15:25

И покрај неповолните хидролошки прилики и најавите за нови врнежи од дожд, од АД ЕЛЕМ велат дека засега нема опасност од поплави долж брегот на Охридското Езеро и течението на реката Црн Дрим. Состојбата будно се следи и доколку има потреба ќе биде зголемен протокот на вода на испустот кај Струга...

Високите температури кои придонесоа за брзо топење на снегот, како и обилните врнежи придонесоа нивото на Охридското Езеро нагло да се зголеми, така што денеска беа измерени 693, 82 метри надморска височина или 7 сантиметри над максимално дозволената кота. Од ЕЛЕМ ги следат состојбите и уверуваат дека и покрај најавите за обилни врнежи максимално ќе се намалат ризиците од поплави со максимално искористување на водниот потенцијал за производство на евтина струја.

„Нашите електрани во изминатите два месеци работат на максимално ниво. Ја преработуваме водата која што доаѓа во Охридското Езеро, меѓутоа дел од таа вода порадо големиот доток сепак се задржува и правиме напори за да ја задржиме, но при тоа да не направиме штета на Охрид, ниту Струга, а исто така да не направиме штети ниту по течението на Дрим“, изјави Драган Миновски, генерален директор на ЕЛЕМ.

Охридскиот градоначалник рече дека моменталната состојба со нивото на реките и каналите кои се влеваат во езерото е стабилна.

„За жал ние немавме тендер за минатата година и не беа исчистени каналите минатата година, онака како што треба, но ние цело време ја следиме ситуацијата. Среќа што досега немавме поголеми поплави, беа преземени мали зафати, онолку колку што можеа да бидат преземени на Коселска река, Даљан и Грашница“, изјави Јован Стојаноски, градоначалник на Охрид.

Од ЕЛЕМ најавија дека годинава ќе спроведат детални анализи околу водостојот на Охридското Езеро, при што се размислува за реконструкција на истекот на Црн Дрим кај Струга со автоматска регулација.

 

Сашо Нелоски