Партиите со различни позиции по усвојувањето на Законот за јазици
Партиите со различни позиции по усвојувањето на Законот. СДСМ тврди дека претседателот Иванов се обидува да се стави над Уставот. На иста линија се и од Демократската унија за интеграција. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека владејачкото мнозинство го погазило правото и ја деградирало правната држава...

Претседателот на државата е должен да го потпише Указот за Законот за употреба на јазиците, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Тврди дека не е прекршена процедурата при носењето на Законот.
Според заменик- претседателот на Владата за европски прашања, амандмани не може да се поднесуваат на еднаш изгласан Закон. Тоа може да се направи само со предлог-закон за измени.
Ѓорге Иванов наместо да го осуди насилството што се случи во Собранието, продолжува со неговите политики на поделби, раздор и конфликт, реагираа од СДСМ. Со најавите дека нема да го потпише Указот, Иванов се обидува да се стави над Уставот и дејствува како остаток на поразениот режим. Иванов е на должност пред граѓаните и законите, а не пред партијата.
Според Социјалдемократите, со непотпишување на Указот, Иванов работи спротивно на европските вредности и концептот „Едно општество за сите“, што беше силно поддржан од граѓаните на последните изборни циклуси.
СДСМ и владејачкото мнозинство го погазија правото и ја деградираа правната држава, оневозможувајќи ја со закон загарантираната амандманска расправа, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија не го признава законот. Најави дека ќе го оспори пред Уставниот суд, но и ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери.
Собранието во тензична атмосфера со 64 гласа „за“, по вторпат го донесе законот за јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници.
Милчо Велески
