Претседателот не го потпишува Указот, Џафери смета дека Иванов е должен да го стори тоа
Претседателот не го потпишува Указот, собранискиот спикер смета е дека Иванов е должен да го стори тоа. Премиерот Заев вели дека Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и овозможува услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите. Државниот врв со реакции откако решението помина во Законодавниот дом...

Државниот врв се огласи по изгласувањето на Законот за употреба на јазиците. Премиерот Заев тврди дека е целосно во согласност со Уставот и со Амандманот 5, кои се донесени пред 17 години. Никој не е, и не може да биде над Уставот- изјави шефот на Владата. Уверува дека овој Закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик.
Претседателот Иванов ќе го прекрши Уставот доколку не го потпише указот за прогласување на законот, смета собранискиот спикер Џафери. Вели- претседателот е должен да го стори тоа. Тврди дека не е прекршен Деловникот. Се повика и на членот 75 од Уставот, кој како што рече е јасен.
Претседателот Иванов оцени дека начинот на кој по втор пат е изгласан Законот за јазиците претставува институционално насилие и удар врз демократијата.
„И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен, овој Закон не е израз на демократијата. Се надевам дека сте свесни за преседанот што го правите и за последиците и штетите по правото и правната држава, што во иднина можат да произлезат“- изјави претседателот Иванов по гласањето во Собранието.
Според него, овој Закон е одраз на тиранијата на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани на Република Македонија.
Претходните тројца претседатели, суспензивното вето или таканаречено „џебно“ го искористиле вкупно 14 пати за да не потпишат закон. Најмногу, ова право го искористил претседателот Црвенковски- 10 пати.
Миле Ристески
