Со нов закон потрошувачите ќе се борат против нечесните трговци

15.03.2018 16:08

Чоколади без какао и млеко, ист производ, различен квалитет на нашиот од европскиот пазар. Со нов закон, потрошувачите ќе се борат против нечесните трговци. Ќе се дефинира можноста за колективна заштита. Во фокусот е дигиталниот пазар и решавањето на проблемот со клаузилите во договорите за банкарски кредити и осигурувања...

Нечесна деловна практика, клаузули, однесување. Секојдневни манири на релација- производител и трговец наспроти потрошувач. Чоколади без какао и млеко, ист производ, различен квалитет на нашиот од европскиот пазар, банкарски договори со скриени, софтверски недостатоци на техничките производи. Познавачите велат- патот за заштита сѐ уште е во правните лавиринти, со нов закон ќе се стега обрачот.

„Чоколадите за деца на македонскиот пазар воопшто не содржат млеко и какао иако се така деларирани. Ова го покажуваат лабораториските испитувања. Купуваме супа за четири чинии, има само три, макарони за 500 грама има само 400, одраз на нечесна деловна практика“, вели Јадранка Дабовиќ- Атанасовска, професор на Правен факултет.

До Агенцијата за храна годишно стигнуваат по 300 до 400 претставки од потрошувачите. Надлежните тврдат, голем дел се неосновани.

„Најчесто потрошувачите се жалат на проблем кој во законите е поинаку регулиран, па ние како Агенција не можеме да реагираме. Проблем е што призиводот може да претрпи измени и надвор од продажните капацитети што не е проблем при реакцијата“, вели Ката Стојановска од Агенцијата за храна и ветиринарство.

Со новиот закон ќе се дефинира можноста за колективна заштита, поголем ангажман на судовите и инспекторите, ќе се реши и проблемот со нечесните клаузули во договорите за банкарски кредити и осигурувања. Фокусот ќе биде ставен на дигиталниот пазар, заштитата на личните податоци при дигиталните плаќања- велат од Организацијата на потрошувачи. Паметните телефони и телевизори се само дел од производите што ја доведуваат во прашање безбедноста на потрошувачите.

„Следењето на приватноста и нашите лични податоци стануваат предемет на голема дискусија со порастот на продажбата. Софтверот на т.н. паметни и поврзани играчки како куклата Кејла, не им нуди заштита на семејствата. Преку нив може да ве гледаат дома, да ве снимаат, да ви даваат совети. Преку паметните часовници исто така“, вели Марјана Лончар од Организацијата за заштита на потрошувачи.

Од Организацијата на потрошувачи велат- Законот ќе биде готов до мај, кога ќе се усвои, зависи од народните избраници.

Сузана Фиданска- Стоевска