Реакции

Брисел бара фокус на реформите, Законот за јазици да биде испратен до Венецијанската комисија

15.03.2018 16:32

Европската комисија очекува Законот за јазици да биде испратен до Венецијанската комисија. Брисел повторно бара фокус на реформите. И дел од правниците ја коментираа новонастанатата ситуација, а се огласи и владиката Агатангел...

Европската комисија очекува Законот за употреба на јазиците да биде испратен до Венецијанската комисија, како што е најавено во Планот 3-6-9. Од Брисел потенцираат дека неговата имплементација треба да биде според европските стандарди. Европската комисија очекува сега Собранието да се фокусира на реформите за да се направи напредок во ЕУ агендата.

Според дел од од експертската фела, претседателот Иванов има уставна должност да го потпише Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Доколку не го стори тоа, треба да се најде решение кое ќе биде во корелација со Законот за Собрание, Деловникот и уставните норми.

Лазарова- Трајковска и Кадриу се согласуваат дека доколку некој смета дека Законот е неуставен, има право да покрене иницијатива пред Уставниот суд. Препорачуваат Законот да биде испратен во Венецијанската комисија, којашто би дала стручна и научна експертиза за Законот.

Се огласи и митрополитот повардарски Агатангел. Целосно го поддржува претседателот Иванов во намерата да не го потпише Указот, за како што вели, антидржавниот и неуставен Закон за јазиците што беше донесен на вандалски и нецивилизиран начин. Православниот народ од Повардарската Епархија е згрозен од насилството врз демократијата направено од Талат Џафери и неговите истомисленици, при донесувањето на Законот за двојазичност во Собранието, стои во соопштението од митрополитот повардарски Агатангел.

 

Игор Панов