Објавен петтиот полугодишен извештај за работата на СЈО
СЈО го објави петтиот извештај за шестмесечното работење на институцијата.Отворени се седум нови истраги. Нивна цел финансирањето на медиумите, злоупотреба на државни пари и прислушуваните материјали...

Специјалното обвинителство отворило седум нови истраги против 17 осомничени, најмногу за злоупотреба на службената положба. Ова го пишува во последниот, петти полугодишен извештај за работата на СЈО. Во него е наведено дека истражителите се фокусирани на 136 предистражни предмети, од кои 23 се формирани по нивна иницијатива, а 113 по пријава од други граѓани.
Заедно со претходните, во предистражна фаза се наоѓаат вкупно 235 предмети. Најголемиот дел од нив се поврзани со незаконското прислушување, финансирањето медиуми и злоупотреби на државни пари.
Во извештајот се наведува дека Специјалното обвинителство ги презело и предистражните постапки за случаите „Актор“, „Скопје 2014“, предметот за објектот „Космос“, како и за пописот од 2011-тата година на кои претходно работеле нивните колеги од редовното Обвинителство.
Од вкупниот број прислушувани материјали коишто им беа доставени од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, досега се преслушани 85 проценти. Изработени се 1.784 транскрипти кадешто постои индиција дека е сторено кривично дело.
Во последните шест месеци, пишува во извештајот, се донесени и 11 пресуди од кои една затворска казна и десет условни осуди.
Анита Димитријевска
