Путин очекува нов мандат, води во речиси сите анкети
На 18-ти март Русите ќе избираат меѓу осум претседателски кандидати. Актуелниот лидер Владимир Путин, кој се кандидира по четврти пат, води во речиси сите анкети. Путин цели кон победа од над 70 насто освоени гласови. Годинава во претседателската трка учествува и една жена, новинарката Ксенија Собчак. Најсериозен конкурент на Путин е кандидатот на руската Комунистичка партија, Грудињин. НАТО не сака студена војна со Русија, изјави генералниот секретар Столтенберг.

Претседателот Владимир Путин ги повика своите сограѓани да гласаат на изборите в недела на кои има седуммина конкуренти. 65-годишниот лидер очекува нов мандат со кој ќе заокружи речиси четвртина век владеење. Мнозинството Руси најавува поддршка најмногу поради решителниот став против западните влади. Најголемата опасност за неговиот триумф доаѓа од можната ниска излезност, актуелна во последните години.
„Ние во Русија отсекогаш сме решавале за својата судбина и сме се однесувале како што ни велела совеста, нашето толкување на вистината и правдата, и љубовта кон татковината. Ова е дел од националниот карактер, којшто му е познат на целиот свет. Сигурен сум дека секој од нас размислува за иднината дома. Ве повикувам да излезете да гласате и да го искористите правото да ја изберете иднината за големата и сакана Русија“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Во екот на изборната кампања, Москва ги влоши односите со Велика Британија по труењето на поранешниот руски шпион Скрипал на британска територија. За челникот на НАТО , Русија се обидува да го дестабилизира Западот.
„Нејасната линија меѓу нуклеарното и конвенционалното оружје го намалува прагот за употребата на нуклеарно оружје на Русија. Нејасната линија меѓу мирот, кризата и војната е опасна и дестабилизирачка. Пристапот на НАТО и натаму ќе биде цврст, дефанзивен и пропорционален. Не сакаме нова Студена војна“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Реториката со Вашингтон дополнително се заостри поради новите санкции за руски поединци и фирми поврзани со наводното руско влијание при претседателските избори во САД во 2016 година.
Кремљ негира вмешаност и најави контрамерки за новите санкции на Вашингтон.
Маја Филдишев
