Заев најави реконструкција на Владата, апелира Законот за јазици да се пушти да живее

16.03.2018 15:52

Одлуката на претседателот Иванов претставува флагрантно кршење на Уставот- оцени премиерот Заев. Изјави дека Законот за јазиците треба да се пушти да живее, а Уставниот суд и Венецијанската комисија да се изјаснат по него. Најави реконструкција на владата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат- погазени се демократијата, Уставот и законите. Насилното туркање на Законот ја доведе во прашање препораката за членство во Унијата...

Законот за јазиците продолжува да ја бранува политичката сцена во земјава. Премиерот Заев тврди дека со Законот нема ништо да се промени, напротив, неговото непотпишување може да предизвика проблеми. Апелира да се пушти Законот да живее, а Уставниот суд и Венецијанската комисија да се изјаснат за него. Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише Законот, за Заев е „флагрантно кршење на Уставот, но и кукавичлук“.

СДСМ ја погази демократијата, уставот и законите, само за да изгласа Закон кој ќе им овозможи да останат на власт, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На маса е ставен неуставен, неприменлив и штетен Закон за двојазичност кој дополнително ќе ги продлабочи разликите во нашето општество, изјави генералниот секретар на партијата, Јанушев. Владејачкото мнозинство ја загрози евроатлантската иднина на државата, констатира опозицијата.

Премиерот Заев почнува разговори за зголемување на парламентарното мнозинство. Потврди дека подготвува реконструкција на владиниот тим. Најави дијалог со партиите од опозицијата, исклучувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ.

Реконструкцијата на Владата и евентуалните промени во ресорите, како што рече шефот на Владата, ќе бидат договорите со политичките партии и пратениците, кои би ја прифатиле владината програма за влез во парламентарното мнозинство.

 

Миле Ристески