Случај „ТНТ“: Обвинетите тврдат дека не сториле кривично дело

16.03.2018 15:56

Во скопска единица, судење за случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство за уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Обвинетите тврдат дека не сториле кривично дело. На следното рочиште ќе се слушаат снимките од прислушуваните материјали...

Ќе докажеме дека комплексот „Космос“ беше класичен пример за дивоградба, а инвеститорот во неколку наврати го прекрши Законот, изјави екс-министерот Миле Јанакиески на судењето за случајот „ТНТ“.

Истото го тврдеше и неговиот сопартиец и поранешен градоначалник на Гази Баба- Тони Трајковски, кој рече дека со бесправното градење, бизнисменот Фијат Цаноски сакал да заработи 1,2 милиони евра на начин што без дозвола го сменил основниот проект и не изградил еден кат подземен паркинг.

За да докаже дека е во право, одбраната на идните рочишта ќе прикаже 3Д презентација со сите аномалии на комплексот.

Цаноски, пак, вели дека градел според Закон.

Поранешниот премиер Никола Груевски во воведен збор тврдеше дека процесот е политички мотивиран со цел да биде тргнат од власт, за да може да се реализираат, како што рече, сценаријата за редефинирање на државата.

Независно од моите лични ставови, рече Груевски, клучно е дека постапката за уривањето на градбата е чиста како солза. Дури и да сме сакале да го озакониме објектот не сме можеле, рече Груевски, затоа што дивоградбата била видлива и за нејзиното евентуално одобрување некој во иднина кривично ќе одговара.

 

Анита Димитријевска