Преку дигитализација до поголема конкурентост на малите економии

16.03.2018 16:02

Во Скопје- Самит на малите држави. Констатирано е дека бизнисмените од овие земји треба да воведат нови технологии за да ја зголемат конкурентноста. Меѓу приоритетите, стабилна политичка состојба и владеење на правото...

Малите економии мора да ги следат новите технологии, со дигитализација, компаниите ќе бидат поконкурентни и отворени кон светот. Скапа инвестиција, но неопходна за напредок во сите сфери, едногласни се бизнис- еснафот, експертите и научниците. Да се создаде можност младите да размислуваат претприемачки и глобално.

„Битно е да видиме дека новите технологии носат нешто ново на малите пазари кои не се доволно јаки за да можат да конкурираат на глобалниот пазар. Не ги одобруваме бариерите што се создаваат во главите на политичарите кои ги прават државните стратегии и на бизнисите треба да им обезбедат поволни услови за работа. Образовниот процес треба да се стави во функција на новото и очекувањата на бизнисот“- вели Мојмир Оцвирк, Менаџер од Словенија.

Имплементацијата на нови технолгии во работењето може да ги доведе фирмите на речиси иста позиција со најголемте играчи на светскиот пазар- покажуваат словенечките искуства.

„На бизнисмените треба да им се дозволи самостојно да функционираат, тие ќе се снајдат со новите технологии. Има разлика меѓу стари и нови бизниси, но тоа мора да се надмине што побрзо“, вели Боштјан Шпетич, менеџер на компанија во Словенија.

Владата ги повика бизнисите да ги искористат мерките. Планот за економски раст нуди пари за интернационализација на компаниите. Вицепремиерот Анѓушев посочи, извозот во БДП учествува со 54 насто, за раст од пет до шест проценти и за 15-тина години да се стигнат европските стандарди треба да се зголеми на 70 насто. За неопходноста на високите технологии во здравствениот сектор, на Самитот за новите трендови во бизнисот- говореше и Академик Жан Митрев.

„Ние во новата болница воведовме нови технологии во градбата, опремувањето и вградувањето на медицинската технологија. Гледавме да бидат задоволени сите стандарди и да се наметнат нови стандарди во функционирањето на лекарската практика безбедноста на персоналот и пациентит“, рече Академик Жан Митрев.

Бизнисот очекува заклучоците од собирот во организација на Стопанската комора да се преточат во економските политики за воведување нови технологии во компаниите.

Сузана Фиданска- Стоевска