Финансиска полиција: Кривична пријава против Доневски и уште едно лице
Поднесена кривична пријава против поранешниот прв човек на Службата за општи и заеднички работи и уште едно лице, соопшти Финансиската полиција. Се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување и за соизвршителство. Од Управата велат дека бил прекршен Законот за јавни набавки. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди– се работи за политички прогон преку неосновани пријави...

Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи Васе Доневски заработи кривична пријава за злоупотреба на службената положба. Од Финансиската полиција велат дека во 2015-та година покренал постапка за јавна набавка, без согласност од Советот, на којашто се јавиле седум економски оператори кои биле поврзани со второобвинетиот- сопственик на друштво за обезбедување кој се стекнал со противправна имотна корист од над 660 милиони денари. Тој се гони за соизвршителство. Од Управата објаснуваат дека со намера да се елиминира конкуренцијата, ја избегнале можноста за електронска аукција.
Сумата за која што пријавените го оштетиле буџетот целосно ќе се утврди во постапката, како и можната инволвираност на други луѓе, информира Финансиската полиција. По претресот на неколку локации, е утврдено дека не е предадена целосната документација. Одземени се неколку електронски уреди, пренослива меморија, патничко возило.
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека станува збор за постапка базирана на политичка нарачка, а не на аргументи. Според опозициската партија, ова е политички прогон.
Наташа Гркова- Петрушевска
