ФЗОМ ќе ја зголеми квотата за овој месец и вкупниот буџет за лекови

16.03.2018 16:31

Фондот за здравствено осигурување месецов ги зголемува квотите за 15 милиони денари за да се обезбедат доволно лекови за осигурениците. Повеќе тежи и годинашниот буџет. Најавена ревизија на правилникот и на методологијата за распределба на парите...

Фондот за здравство ја зголеми квотата на лекови препишани на рецепт за месецов- дополнителни 15 милиони денари линеарно ќе бидат распределени по аптеките. Како причина се наведува проблемот со кој се соочиле осигурениците- немало лек на државен трошок уште во почетокот на март.

„Можеби не е најидеално решение, но не знам дали постои решение во оваа ситуација. Во секој случај мерката е наменета со цел да го поминеме овој месец со поголема количество на квоти за нашите осигурени лица да имаат пристап до неопходните лекови“, вели директорот на ФЗОМ, Ден Дончев.

Директорот Ден Дончев ќе бара долгорочно решавање на ситуацијата. Вели оти е потребен интегриран електронски систем во кој ќе бидат вклучени матичните лекари, аптеките и Фондот за здравствено осигурување.

Зголемената потрошувачка на лекови надлежните ја објаснуваат со сезоната на грип и настинки, но не ја исклучуваат можноста и за злоупотреби на аптеките, бидејќи во дозволената квота биле издавани евтините лекови, а поскапите ги чувале за да земат поголем надомест.

„Не секогаш се гледа здравството, се гледа и економскиот ефект. Затоа апелираме, граѓаните да пријавуваат за овие аномалии иако тоа е наша работа, затоа би било добро да бидеме информирани и да не дозволиме вакви условно кажано злоупотреби од некои аптеки“, изјави Орхан Рамадани, директор на ФЗОМ.

Според податоците на Фондот, секоја година се зголемува бројот на препишани рецепти. Во 2008-ма година биле реализирани 10 милиони, а 10 години подоцна 23 милиони рецепти.

 

Андријана Атанасовска