10,5 милиони евра- стимул за малите и средните претпријатија
Фондот за иновации со поголем буџет и со нови мерки ќе ги стимулира микро, малите и средните претпријатија. За годинава касата на Фондот за иновации тежи 10,5 милиони евра. Се очекува првите договори да се склучат до јуни...

Ќе имаат ли сила владините мерки да го поттикнат иновативниот дух кај младите и бизнис- секторот. Од Фондот за иновации очекуваат со повеќе пари и нови мерки да се стимулираат микро, малите и средни претпријатија.
Годинава буџетот за иновациите е најголем. Тежи 10,5 милиони евра. Парите ќе се распределат на три јавни повици. Првиот ќе се објави за неколку недели. Со него се опфатени првите четири мерки од Планот за економски развој. Директорот на Фондот, Деспотовски очекува до јуни да се склучат првите договори.
Од Фондот за иновации планираат формирање на Научно- технолошки парк. Место каде што академската заедница ќе ги вложи своите ресурси во поттикнувањето и развојот на иновациите во приватниот сектор. Интерес веќе пријавиле домашни и странски компании од ИТ индустријата, како и техничкиот кампус на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Минатиот месец Фондот потпиша договор со 20 компании, за повикот од минатата година кој изнесува 55 милиони денари. Деспотовски информираше дека веќе се исплатени првите средства. Најголем дел од проектите кои добиле пари од Фондот се од ИТ секторот, туризмот, енергетиката, производството.
Викторија Милевска
