Охрид: Од денес поднесување барања за обештетување
Се расчистуваат штетите од високите бранови во Охрид. Најпогодени- крајбрежните објекти на потегот од Канео до Градскиот плоштад. Заседаваше и општинскиот кризен штаб. Од денеска ќе можат да се поднесуваат барања за обесштетување. „Силниот ветар не го „излеа“ Охридско Езеро, туку само на површина ги изнесе нашите пропусти, грешки и импровизации“- велат охриѓани...

Невремето што се случи, по кој знае кој пат отвори некои прашања кои се таложат со години. Навистина нивото на езерото беше три сантиметри над максимално дозволената кота, што и не е невообичаено за овој период од годината, но дали само тоа и силниот ветер кој дуваше со брзина од близу 100 километри на час, се причините за настанатите штети.
Голем дел од експертите сметаат дека езерото всушност дошло по она што е негово. Тоа уште еднаш покажа дека нема простување за грешките и пропустите кои со години наназад се провлекуваат.
Како сламки беа покосени сите летни тераси и платформи, од кои голем дел се изградени врз узурпирани плажи, при што на виделина испливаа сите импровизации како во просторот, така и во изборот на материјалите. Школски пример за тоа е многу оспоруваниот „Мост на желбите“, кој веќе го нема.
Езерото од својата утроба вчера исфрли и купишта смет, слика од која треба да се засрами секој охриѓанец. Тоа повторно покажа дека уште многу мора да се работи на еколошката свест на граѓаните, кои очигледно малку водат грижа за македонскиот бисер.
Сашо Нелоски
