Рекорден резултат: Путин со нов шестгодишен мандат
Во период на влошени односи со западните земји, старо-новиот претседател доби поддршка од над 50 милиони гласачи, со што е поставен нов рекорд.

Со освоени над 76% од гласовите на претседателските избори во Русија, Владимир Путин доби нов шестгодишен мандат за челната позиција на најголемата држава во светот.
Во период на влошени односи со западните земји, старо-новиот претседател доби поддршка од над 50 милиони гласачи, со што е поставен нов рекорд.
Зад него е кандидатот на Комунистичката партија, Павел Грудињин, а на третото место се пласираше Владимир Жириновски од Либерал- демократите.
„Гледам признание за сработеното во претходните години кога условите беа сложени. Гледам доверба и надеж дека ќе продолжиме со интензивната и одговорна работа. Важно е да се обединиме сите, независно од тоа за кој кандидат гласавте. Се соочуваме со тешки задачи и ќе мора да ги решиме не само со вообичаената рутина, туку и со постигнување на прогрес“, изјави Путин.
На изборите учествуваа осум кандидати. Лидерот на опозицијата Алексеј Наваљниј, чијашто кандидатура беше забранета поради обвинение за измама, повика на бојкот на изборната трка.
