Снимките за случајот „Поткуп“ ќе се гледаат на 26-ти март

19.03.2018 12:01

Судечкиот совет одлучи да не ја исклучи јавноста, откако одбраната побара снимката јавно да се емитува иако е обезбедена со примена на посебната истражна мерка- тајно снимање.

На 26-ти март во судница ќе биде емитувана интегралната снимка што ја предлага Обвинителството како доказ против Зоран Заев за случајот „Поткуп“. Судечкиот совет одлучи да не ја исклучи јавноста, откако одбраната побара снимката јавно да се емитува иако е обезбедена со примена на посебната истражна мерка- тајно снимање.

Тоа е снимката што се појави на „Јутјуб“, а за која Заев рече дека била на две места пресечена, поради што јавноста стекнала погрешен впечаток. Побара нејзино целосно објавување, со цел како што наведе, да си го поврати нарушениот углед.

Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп во висина од 160 илјади евра од струмички бизнисмен за легализација и откуп на градежно земјиште.