Заев: Протестот е уставно право, децата на пратениците лично ќе ги заштитам
Премиерот нагласи дека децата на пратениците лично ќе ги заштити и посочи дека МВР презема дејствија, бидејќи има неколку кривични дела кои се прават.

Протестот е уставно право и дозволиво е протестирање на граѓаните и тоа е право кое што треба да се ползува. Но, тоа што се прави пред домовите на пратениците, пред нивните дечиња, членовите на нивните семејства и родители апсолутно е недозволиво, заради тоа што е кршење на приватноста на домот, директни закани се упатуваат, омаловажување и целосно сеење страв и трепет кај дечињата. Ние нема да дозволиме тоа така да продолжи, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со протестите пред домовите на пратениците на СДСМ, поради изгласувањето на Законот за употреба на јазиците.
Премиерот нагласи дека децата на пратениците лично ќе ги заштити и посочи дека МВР презема дејствија, бидејќи има неколку кривични дела кои се прават.
Заев додаде дека не очекува нова политичка криза во земјава и покрај протестите пред домовите на пратениците и најавите за протести од најголемата опозициска партија.
