Избори во Русија

Путин освои нов претседателски мандат

19.03.2018 12:51

Подобар животен стандард и засилена одбрана против западот, се дел од ветувањата на реизбраниот претседател на Русија, Владимир Путин кој со рекорден број гласови ги порази преостанатите седуммина кандидати. Лидерот на опозицијата Алексеј Наваљниј, кој не учествуваше поради обвинение за измама, повика на бојкот на изборната трка. Западните лидери резервирани околу честитките за новиот триумф на политичкиот соперник од истокот...

Со освоени над 76% од гласовите на претседателските избори во Русија, Владимир Путин доби четврти шестгодишен мандат за челната позиција на најголемата држава во светот. Во период на влошени односи со западните земји, старо-новиот претседател доби поддршка од над 50 милиони гласачи, со што е поставен нов рекорд. Зад него е кандидатот на Комунистичката партија Павел Грдуињин, а на третото место се пласираше Владимир Жириновски од Либералдемократите.

„Гледам доверба и надеж дека ќе ја продолжиме интензивната и одговорна работа. Важно е да се обединиме сите, независно од тоа за кој кандидат гласавте. Се соочуваме со тешки задачи и мора да ги решиме не само со вообичаената рутина туку и со постигнување прогрес“, изјави претседателот Путин.

Честитки за победата стигнаа од неколку азиски и јужноамерикански земји. Западните лидери резервирани околу новиот триумф на Путин. Тензиите со Европа и со САД се продлабочија по труењето на поранешниот руски шпион Скрипал на британска територија, за кое Лондон ја обвини официјална Москва. Најновата кавга резултираше со меѓусебно протерување дипломатски персонал, а Вашингтон воведе санкции за група Руси поради наводно мешање во последните претседателски избори за Белата куќа. Од Кремљ негираат вина.

„Да беше употребен воен отров, луѓето ќе умреа на самото место. Во Русија не постојат такви средства. Ние го уништивме хемиското оружје под надзор на меѓународни набљудувачи. Подготвени сме за соработка во истрагата. Бесмислено е некој да го направи ова неколку дена пред изборите и пред светското фудбалско првенство“, нагласи Путин.

Реакциите од неговите сограѓани поделени.

„ Јас сум од старата школа, но ми се допаѓа неговата политика. Среќна сум со него. Оваа убедлива победа беше очекувана.“

„Веројатно никој не сака промена. Народот е навикнат на една личност и се теши дека не може да биде лошо ако тој остане уште малку на власт“- велат граѓаните.

Доколку го спроведе мандатот до крај, Путин ќе биде вториот руски претседател со најдолг век на владеење, веднаш зад Јосиф Сталин, кој управуваше со земјата 29 години. Годинашната изборна трка за прв пат ја изоде без прва дама.

 

Маја Филдишев