ЕУ со поддршка за Британија

19.03.2018 13:16

ЕУ обединета застана зад британските тврдења дека Русија е вмешана во нападот врз поранешниот шпион. Лондон тврди дека дејствува според договорот за хемиско оружје и најави вклученост и на меѓународни експерти во случајот...

Брисел застана зад Лондон. Европската унија обединета во осудата кон Русија за нападот врз поранешниот шпион Скрипал и неговата ќерка со нервниот агенс „Новичок“ во Британија.

„Апсолутно е јасна нашата солидарност со Обединетото Кралство и крајно сме загрижени од она што се случи. Тоа е неприфатливо“, изјави Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

„Ја изразивме нашата солидарност за случајот и таа ќе биде засилена. Мислам дека нема да се дискутира за можни санкции, но мора да го оцениме случајов како гнасен“, Вели Јоханес Ханм еврокомесар за соседска политика и проширување.

Шефот на британската дипломатија е охрабрен оо поддршката од ЕУ за протерувањето на руските дипломати. Според Џонсон, Британија дејствува согласно со обврските од Договорот за хемиско оружје. Најави дека експерти од организацијата за забрана на хемиското оружје ќе земат примероци од Салсбури, местото кадешто беше извршен нападот.

„Негирањето од Русија станува се поапсурдно. Еднаш велат дека никогаш не произвеле Новичок, а друг пат дека го направиле, но ги уништиле сите резерви. Потоа велат дека дел од резервите мистериозно исчезнале во Шведска, Чешка, Словачка, Британија и САД. Луѓето можат да видат дека ова е класична руска стратегија за обид да скријат игла во сено од лаги и нејаснотии“, изјави британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон.

Германија, Франција, САД ја поддржаа Британија во барањето до Русија да ја објасни употребата на воен нервен агенс. Бугарија како претседавач со ЕУ ја повика Москва да одговори на британските легитимни барања.

Русија негира вмешаност каква било вмешаност во случајот.

 

Ирина Гелевска