Политика

Заев очекува до летото Македонија и Грција да дојдат до решение

19.03.2018 14:49

Премиерот Заев очекува до летото Македонија и Грција да дојдат до решение кое ќе биде прифатливо за двете земји. Евроамбасадорот Жбогар смета дека Законот за јазиците ќе ги подобри односите меѓу заедниците и ќе ја врати земјата на реформскиот пат. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со став дека вака скроениот закон не смее да стапи на сила затоа што е неуставен и неприменлив...

Решение за спорот што Грција го има со нашето уставно име може да се најде ако се води сметка за достоинството и за идентитетот- рече премиерот Заев во пресрет на посетата на Коѕијас и идната рунда разговори со Нимиц.

Очекува Македонија и Грција до летото да дојдат до решение за кое се надева дека ќе биде прифатено од јавноста и од институциите на двете земји. По состаноците со странските гости, Заев најавува нова домашна лидерска средба.

„Луѓето што преговараат се само поединци, а на крајот институциите на Македонија и на Грција се тие коишто одлучуваат. Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но секако да се приближиме зашто деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да го имаме решено овој проблем. Верувам дека тоа сака да го направи и грчката страна“, потенцира Заев.

Премиерот оцени дека изгласувањето на Законот за употреба на јазиците не е, како што рече, болка за умирање. Ќе ја зајаке Македонија како мултиетничка земја, но нема да ја турне во нова политичка криза.

Евроамбасадорот Жбогар смета дека Законот за јазиците ќе ги подобри односите меѓу заедниците и ќе ја врати земјата на реформскиот пат.

„Мислам дека мнозинската заедница не би требало да се почувствува дека на кој било начин нејзините права се загрозени. Чувствувам дека кај мнозинската заедница постои таков страв. Ние како ЕУ одблиску го следевме донесувањето на законот за јазиците и очекуваме тој да биде испратен до Венецијанската комисија, како што впрочем и беше наведено во планот 3-6-9. Се надеваме дека овој закон ќе започне со имплементација и целосно почитување на европските стандарди и европските позитивни практики. Секако, очекуваме и дека имплементацијата ќе биде почитувана од сите чинители во општеството и во близок дијалог“, изјави амбасадорот Жбогар.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека вака скроениот закон не смее да стапи на сила. Освен што е неуставен и неприменлив, овој закон, велат од опозицијата, ќе направи политичка и економска штета, а последиците ќе ги чувствуваат сите граѓани на Македонија.

„Ставот на претседателот на државата да не го потпшишува Указот за овој неуставен закон е државнички чин и единствено правилен чекор кој може да се направи. Секое објавување на законот во Службен весник, повлекува и кривична одговорност. По враќањето на правната држава, секој ќе одговара за незаконското постапување“, изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Сумата од 1,7 милиони евра што Владата ја предвиде за имплементација на законското решение е недоволна, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ. Велат- ќе има многу поголеми финансиски последици врз Буџетот.

 

Анита Димитријевска