СЈО се откажа од обвинението за случајот „Сопот“

19.03.2018 14:54

Специјалното јавно обвинителство се откажа од обвинението во предметот „Сопот“. Велат немало доволно докази, а одбраната најави дека ќе бара отштета и очекуваат спогодбен договор. Случајот „Сопот“ е од 2003-та кога возило на НАТО нагази на мина при што загинаа двајца полски војници и еден македонски државјанин...

Специјалното јавно обвинителство се откажа од обвинението за случајот „Сопот“. Првиот човек на СЈО, Катица Јанева вели дека немало доволно докази дека обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар.

Таа посочи дека и натаму останува отворена предистражната постапка што ја водат за случајот, за како што рече, имале и друга теорија што ја истражуваат.

Одбраната најави дека ќе бара отштета. Очекуваат спогодбено да се договорат. Адвокатите изразија надеж дека СЈО, како што рекоа, ќе ги најде вистинските сторители.

Обвинетите тврдат дека не се виновни. Случајот „Сопот“ е од 2003-та година, кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа откако теренско возило нагази мина. 11- мина беа обвинети за тероризам, во меѓувреме еден од нив почина.

 

Наташа Гркова- Перушевска