Ременски: Протестот пред мојот дом е самоволие на политички организирани граѓани
Протестот пред мојот дом е самоволие на една група граѓани, политички организирани, кои ја загрозуваат безбедноста на семејството, вели пратеничката Фросина Ременски. Од ВМРО-ДПМНЕ со став дека го почитуваат правото на протест на граѓаните и затоа не можат да одговараат за исходот. За премиерот Заев недозволиво е да се крши приватноста на домот и нема да се дозволи да продолжат директните закани...

Ова повеќе е самоволие на една група граѓани организирани политички, кои се закануваат по сигурноста и безбедноста на моето семејство, а најмалку може да се зборува за јавен протест, изјави пратеничката Фросина Ременски, коментирајќи ги синоќешните протести пред нејзиниот дом.
Таа најави дека ќе поднесе кривични пријави против Тони Јаревски и Сашо Лазаревски. Според неа, полицијата во овие случаи треба да постапува според Законот за јавен ред и мир, а не според Законот за организирање јавни собири.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека тие го почитуваат уставното право на протест, но се оградуваат од секаков говор на омраза или линч прортив политичките неистомисленици. Велат дека тие не се организатори на протестите, и затоа не можеле да одговараат за исходот.
За премиерот Заев, протестот е уставно право, но она што се прави пред домовите на пратениците, пред нивните деца и семејства апсолутно е недозволиво поради тоа што било кршење на приватноста на домот. Рече дека немало да дозволат да се продолжи со директните закани.
Игор Панов
