Шилегов: Скопјани нема да плаќаат повисоки сметки за вода
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ветува дека скопјани нема да плаќаат повисоки сметки за вода, а градот донел одлука питката вода од изворот „Рашче“ да не се користи за индустриски цели како досега. Директорот на „Водовод и канализација“ информира дека граѓаните во наредните два месеца заостанатите долгови ќе можат да ги подмират без камата. Почна серијата настани со кои што се одбележува Светскиот ден на водите, кој официјално е на 22-ри март...

Нема промени на тарифите, скопјани нема да плаќаат повисоки сметки- уверува градоначалникот Шилегов. Објаснува дека одлуката, водата од изворот „Рашче“ да не се користи за индустриски цели е со цел и во наредните 50 години на граѓаните да им се обезбеди чиста вода за пиење.
„Советот на градот донесе мерка за досега бесплатното користење на питката вода за капацитетите во поранешна Железара- Скопје да се поскапат. Обезбедивме доволно средства, но внатрешните финасиски анализи кои ги направивме на јавното претпријатие овозможуваат граѓаните на Скопје да не добиваат повисоки сметки за вода“, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Директорот на „Водовод и канализација“ информираше дека граѓаните и во наредните два месецa можат да ги подмират заостанатите долгови без камата.
„Градот Скопје има перфектно чиста вода за пиење, а воедно сакам да ја најавам и акцијата што ја имаме како јавно претпријатие, во наредните два месеца граѓаните на Скопје и нашите корисници ќе можат да ги подмират своите долгови без камата на рати започнувајќи од 1-ви април се до наредниот месец“, изјави Душко Весковски, директор на ЈП „Водовод и канализација“.
На симболичен начин во училиштата, преку креативни работилници, песнички и раскази се подига свеста кај младите за значењето и рационалното трошење на овој ресурс. Со повеќе активности, почна одбележувањето на Светскиот ден на водата, 22-ри март.
Андријана Атанасовска
