Ќе се формира извршно тело за подобрување на безбедноста во сообраќајот

19.03.2018 15:45

Ресорот транспорт предлага формирање посебно извршно тело кое ќе се грижи за подобрување на безбедноста во сообраќајот. Институција ќе работи на анализа на црните точки и причините за несреќите. Статистиката покажува- во Македонија годишно во просек на патиштата гинат меѓу 160 и 200 лица. Земјава е меѓу последните пет според безбедноста во сообраќајот во Европа...

Ќе се формира нова Aгенција, извршно тело што ќе ги координира активностите за безбедноста на патиштата за да се намалат несреќите, жртвите и поврдените. По теркот на развиените земји, оваа институција првично ќе работи на системска анализа на црните точки и причините за сообраќајните несреќи, ќе ја утврдува слабоста на инфрастуктруата, ќе ги стега механизмите за контрола на безбедноста на возилата и однесувањето на возачите. Ќе има законска можност да издава наредби на неколку релевантни институции, МВР, Јавното претријатие за државни патишта, Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот да преземаат мерки во конкретни насоки. Целта е да се намали просечниот број загинати кој на годишно ниво достигнува од 160 до 200 луѓе.

„Целта на формирање на оваа Агенција е да се најдат модели и да ги координираат активностите за подобрување на безбедноста на патиштата, преку безбедна инфраструктура, квалитетни обуки на возачите, проценки кои се безбедни возила за да можат да се вклучат во сообраќај, обуки на службите за реакции по сообраќајни несреќи и сет други мерки кои значително ќе ја зголемат безбедноста на патиштата“, вели Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Споредбено со 32 европски земји, Македонија е меѓу петте последни според безбедноста во сообраќајот. Наместо заштитен систем, сега сите активности се оставаат на полицијата. Експертите велат, потребни се системски напорти, јасно дефинириани надлежности на новата Агенција за да се постигне намалување на бројот на жртви од сообраќајки.

Во Норвешка за 14 години на овој начин од речиси 1.600 тешко повредени и загинати, бројката била намалена за третина. Официјалната статистика покажува дека во државава, од 2010-та до 2016-та, просекот на жртви е зголемен, страдаат осум во сообраќај на 100 илјади жители.

230 милиони, однос речиси 2,3 насто од бруто- домашниот производ се губат како резултат на последиците од сообраќајните незгоди.

Сузана Фиданска- Стоевска