Националистичка реторика и закани кон Тајван во годишното обраќање на кинескиот претседател Џинпинг

20.03.2018 13:15

Со жесток национализам и закани кон Тајван, кинескиот претседател Си Џинпинг им се обрати на 3.000 делегати на годишната седница на Националното народно собрание. Својата земја ја претстави како глобална сила во подем, чијшто интегритет не смее да биде загрозен од сепаратистичките амбиции на поединци...

„Колективната надеж на кинескиот народ е постигнување целосна обединетост, а секој обид да се направи поделба е осуден на пропаст“, порача лидерот на Кина во своето обраќање пред парламентот. Говорот изобилуваше со националистичка реторика, но и со заканувачки тон кон сепаратистичките тенденции од страна на Тајван и Хонгконг. Револтот кај Пекинг се зголеми дополнително, откако американскиот претседател Трамп потпиша нов закон со кој се охрабрува поблиска соработка на владини претставници од Тајван и САД.

И натаму ќе ги исполнувам обврските утврдени со Уставот, ќе им бидам лојален на својата земја и народ. Мора да ги зачуваме суверенитетот и територијалниот интегритет и да ја обединиме нашата држава. Ова е аспирацијата на сите Кинези и ова е во согласност со основните интереси на нацијата“, изјави кинескиот претседател Џинпинг.

Тајван возврати- Кина нема право да коментира за дипломатските прашања на островот кој игра клучна улога за регионалниот мир.

Не нѐ засега мислењето на другите земји во однос на нашите постапки, ние продолжуваме да си ја вршиме работата. Очекувам во иднина да се однесуваме уште поагресивно во процесот на зачувување на мирот, просперитетот и стабилноста во регионот“, изјави Ендру Ли, портпарол на МНР на Тајван.

Кинескиот премиер Ли Кечијанг најави дополнително отворање на националната економија и подобра заштита на интелектуалната сопственост. На прес-конференцијата по повод крајот на годишната сесија на кинескиот Парламент, потенцираше дека не сака трговска војна со Вашингтон, алудирајќи на најавените царински давачки за извоз во САД.

Маја Филдишев