Саркози на распит, се сомничи за финансиски малверзации во изборната 2007-ма
Приведен е поранешниот претседател на Франција, Николас Саркози. Според властите, причина за притворањето е неговото одбивање да се појави на поканата за распит. Се сомничи за финансиски малверзации во изборната 2007-ма година...

Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози приведен на распит поради сомнеж за финансиски малверзации поврзани со неговата изборна кампања. Се истражува дали за време на претседателските избори во 2007 година, кампањата на Саркози била илегално финансирана од некогашниот либиски лидер, Моамер Гадафи.
Француски „Ле Монд“ пишува дека Саркози би можел да остане притворен и до 48 часа. Случајот против него беше отворен во 2012 година, но истрагата беше суспендирана. Во 2017-та, судија одлучил дека истрагата има доволно докази да почне кривична постапка откако бизнисмен изнел тврдења оти кон крајот на 2006 и почетокот на 2007 година во три наврати пренел готовина за потребите на изборната кампања на Саркози.
Саркози досега неколкупати одбиваше да се јави на поканата за распит. Во врска со истиот случај е сослушан и поранешниот министер Брис Ортефо, кој беше член на владата на Франција во време на мандатот на Саркози.
Претходно во јануари во врска со овој случај во Лондон беше уапсен поранешен соработник на Саркози, Александар Џури.
Саркози беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година. Се бореше за втор мандат и на претседателските избори во 2012 година, но беше поразен од Франсоа Оланд. Тој планираше да учествува и на изборите минатата година, но претрпе пораз при гласањето во неговата партија.
Марина Ристова
