Коѕијас во Македонија на 22-ри и 23-ти март
Македонското МНР соопшти дека шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас доаѓа во посета на Македонија на 22-ри и 23-ти март. За 30-ти март во Виена е најавена средба на министрите Димитров и Коѕијас со медијаторот Нимиц. Претходно Коѕијас во изјава потврди дека ги испратил до нашата земја грчките предлози за прашањето околу името, како и агенда за идна соработка...

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас доаѓа во официјална посета на Македонија на 22-ри и 23-ти март, соопштија од Министерството за надворешнио работи. Коѕијас ќе биде првиот грчки претставник што ќе слета на Меѓународниот аеродром во Скопје.
Грција ја испратила до властите во Скопје, нацрт- спогодбата за можно решение за името, открива шефот на грчката дипломатија, Коѕијас во интервју за ЕРТ. Според него, документот веќе им е доставен на разгледување на македонските власти и при неговата посета на земјава сака да чуе кои делови од спогодбата се прифатливи за Скопје.
Документот што ги содржи петте идеи за решение за името предложени од Нимиц, не е пакет што мора целосно да се прифати, туку дека и Македонија ќе може да предлага свои идеи.
„Изработивме текст со нашите предлози во целост како во однос на отворените проблеми што ги имаме со ПРЈМ, така и за идната агенда на соработка што ќе им донесе корист и на двете страни. Овој текст го имам пратено пред повеќе време во Скопје“, изјави шефот на грчката дипломатија, Коѕијас.
По средбата на Скопје, Коѕијас и Димитров ќе одржат нова рунда разговори со посредникот Метју Нимиц во Виена на 30-ти март.
Ирина Гелевска
