Врховниот суд одлучува по жалбите на обвинетите за собраниските настани
Нивните бранители образложија дека решенијата на второстепениот суд се неосновани, во нив не се посочуваат точни образложенија за околностите поединечно за секој од обвинетите.

Тринаесет обвинети за нередите во Собранието на 27-ми април ја обжалија одлуката на Апелацискиот пред Врховниот суд, за продолжување на притворот. Деветмина од нив, меѓу кои пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, како и Митко Чавков, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, и Игор Дурловски, побараа укинување на мерката.
Нивните бранители образложија дека решенијата на второстепениот суд се неосновани, во нив не се посочуваат точни образложенија за околностите поединечно за секој од обвинетите.
Јавното обвинителство остана на барањето за притвор или куќен притвор за обвинетите. Со нов предлог пред јавната седница, Обвинителството побара продолжување на оваа мерка поради опасност од бегство, а го укинува основот- влијание на сведоци бидејќи истрагата била завршена.
Судската петорка на кривичниот совет ќе треба да донесе одлука по законскиот рок од 48 часа. Неа ја сочинуваат судиите Ристо Катавеновски, Шпенд Деваја, Џемаили Саити И Рахилка Стојковска, а претседава првиот човек на Врховен суд, Јово Вангеловски.
