МАНУ: Сите заедници имаат легитимно право да бараат унапредување на употребата на нивните јазици

20.03.2018 16:01

„Сите заедници што живеат во Република Македонија имаат легитимно право да бараат унапредување на употребата на нивните јазици“- првиот човек на МАНУ, Таки Фити го соопшти ставот на претседателството на Академијата. Дел од академиците сметаат дека со Законот се девалвира државно- правниот статус на македонскиот, дел дека со актот не се загрозува официјалниот јазик...

„Сите заедници што живеат во Република Македонија имаат легитимно право да бараат унапредување на употребата на нивните јазици“- изјави првиот човек на МАНУ, академик Таки Фити, пренесувајќи го ставот на претседателството на Академијата. Според него, за овие прашања мора да се зборува во мирна атмосфера со заемна толеранција меѓу сите политички актери, но и да се носат одлуки без никакви наметнувања, уцени или условувања.

Академик Катица Ќулавкова со став дека со Законот за употреба на јазиците се девалвира државно- правниот статус на македонскиот јазик и дека актот е во спротивност со уставното уредување на земјава.

Според академик Радован Павловски, пак, прашањето на јазиците на малцинствата е институциуонален проблем, а македонскиот јазик треба да ја задржи функцијата на комуникациски код меѓу заедниците.

За академик Луан Старова, процесите за употреба на јазиците треба да течат природно и не треба да има политички интервенции во овој домен. Според него, секој јазик обединува, а не ги разделува заедниците меѓусебно.

Во врска спорот за името, ставот на МАНУ е дека никој нема легитимно право да преговара за прашањето за националниот идентитет на македонскииот народ, за името на македонскиот јазик и за промената на Уставот.

Игор Панов