Врховен на јавна седница за жалбите на 15-мина обвинети од Собраниските настани

20.03.2018 16:34

Врховен на јавна седница за жалбите на обвинетите од собраниските настани. Се бара укинување на мерките притвор и изрекување поблаги казни. Според адвокатите, решенијата на Апелација се паушални, недоволно образложени и нема основи за влијание врз сведоци поради тоа што истрагата е завршена. Јавното обвинителство бара притвор поради опасност од бегство...

Со нов предлог пред јавната седница, Обвинителството побара продолжување на оваа мерка поради опасност од бегство, а го укина основот влијание на сведоци бидејќи истрагата за нередите од 27 е завршена. Бранителите на обвинетите како причини дека нема да избегаат ги посочуваа професиите и нивните имотни и семејни положби.

Адвокатот на Митко Чавков, Сашо Дуковски, посочи дека неговата професионална кариера во МВР е без дамка. Чавков, е со преживеан инфракт. Според него наводите за обвинувањето биле за дисциплинска мерка а не за дело за кое се товари неговиот клиент.

Адвокатите на Крсто Мукоски, пак, потенцираа додека чекал да му се одземе имунитетот, Мукоски имал седум дена да види каква е судбината на останатите па можел да избега, но тој двапати сам се јавувал на суд.

Дека сам се јавил во судот тврдеше и одбраната на пратеникот Љупчо Димовски. Игор Дурловски три дена пред да биде приведен се вратил од турнеја од Кина, па ако сакал да избега ќе го направел тоа, посочи неговата одбрана.

За Мунир Пепиќ, пак, одбраната потенцираше дека тој во Собранието на 27 април влегол бидејќи бил на службена должност, како вработен во Агенцијата за разузнавање. Пепиќ е еден од обвинетите и во предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство и тој ги почитува мерките за претпазливост што е доволна гаранција дека и во овој случај ќе ги почитува таквите мерки, потенцира неговата одбрана.

Судската петорка на кривичниот совет ќе треба да донесе долука по законскиот рок од 48 часа. Неа ја сочинуваат судиите Ристо Катавеновски, Шпенд Деваја, Џемаили Саити и Рахилка Стојковска, а претседава првиот човек на Врховен суд, Јово Вангеловски.

 

Фиљана Кока