Димитров: Има разлики во документите, нема рок за одговор
Македонија и Грција си разменија нацрт-спогодби пред посетата на министерот Никос Коѕијас, в четврток во земјава. Има разлики во двата документа. Од македонското Министерство за надворешни работи, велат дека нема рокови до кога треба да се даде одговор. Идната недела состанок со медијаторот Нимиц во Виена...

Македонија и Грција си разменијa нацрт- спогодби за решение за името. Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас в четврток доаѓа во земјава и ќе се разговара за двата документа. Министерот за надвоершни, Димитров вели дека разлики меѓу двете нацрт- спогодби постојат, но нема рокови за нивно надминување.
Шефот на дипломатијата увeрен дека елементите од докуметот што Скопје го прати до Атина ќе бидат корисни во процесот за изнаоѓање заемно прифатливо решение.
„Грчката нацрт- спогодба е предмет на анализа во овој период. Секогаш кога комуницираме преку медиуми работата се компликува. Чесно е да кажам дека има разлики и се надеваме дека ако мислиме заеднички на една цел, ќе успееме тие разлики да ги надминеме“, рече министерот за надворешни работи, Димитров.
Нацрт- спогодбата е алатка и можност за решение што за првпат ќе се разгледува, изјави премиерот Зоран Заев. Според него, билатералните средби придонесуваат за наоѓање на решение за името во рамките на разговорите под раководство на посредникот Нимиц, но не е разговарано за конкретно име. Коѕијас при неговата посета на земјава сака да чуе кои делови се прифатливи за нашата земја.
„Изработивме текст со нашите предлози во целост како во однос на отворените проблеми што ги имаме со ПРЈМ, така и за идната агенда на соработка што ќе им донесе корист и на двете страни. Овој текст го имам пратено пред повеќе време во Скопје“, изјави шефот на грчката дипломатија, Коѕијас.
По средбата во Скопје, Коѕијас и Димитров ќе одржат нова рунда разговори со посредникот Метју Нимиц во Виена, идната седмица.
Ирина Гелевска
