Прва оставка во владиниот кабинет на Заев

Саљији поднесе оставка, смета дека е разнишана довербата во судскиот систем

21.03.2018 10:23

Билен Саљији си поднесе оставка од функцијата министер за правда. Главна причина- одлуката на Обвинителството да го преквалификува делото во случајот Алмир. Саљији смета дека е разнишана довербата во судскиот систем.

Прва оставка во владиниот кабинет на премиерот Зоран Заев. Од позицијата министер за правда се повлекува Билен Саљији. Во неговото образложение пред новинарите рече дека оставката ја поднесува како морален чин поради преквалификација на делото за смртта на малиот Aлмир од Kуманово.

Саљији истакна дека во изминатиов период довербата во судството се зголемила, задоволен е од исходот на случаите „Монструм“ и „Сопот“, но довербата како што истакна, се разнишала и кај него со случајот Алмир.

Оставката на министерот за правда доаѓа една недела откако Обвинителството по завршните зборови во судот во Куманово го преквалификува обвинението против Бобан Илиќ од „убиство“ во кривично дело „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Граѓанската иницијатива „Правда за Алмир“ веќе неколкупати организира мирни протести пред Владата.

Алмир Алиу имаше 4 години кога почина откако Илиќ со Мерцедес удри во него. Инцидентот со неговите роднини почнал со расправија во Здравствениот дом во Куманово во јуни 2016-та година.

Миле Ристески