Скандал

Социјалната мрежа Фејсбук осомничена за учество во кражба на 50 милиони профили

21.03.2018 10:35

Поради скандалот со кражба на податоците на десетици милиони корисници на Фејсбук, оваа социјална мрежа на берзата загуби 37 милијарди долари. Американските власти побараа истрага за аферата на комапнијата „Кембриџ Аналитика“ осомничена за злоупотреба на податоците и манипулација на претседателските избори на кои победи Трамп.

Основачот на Фејсбук, Марк Закерберг сѐ уште без коментар за скандалот со кражбата на 50 милиони профили од фирмата „Кембриџ Аналитика“ која во 2016-та работела во полза на кампањата на претседателот Доналд Трамп. Заедно со главниот директор на социјалната мрежа, беше повикан од медиумите и од Капитол хил, на сослушување во Сенатот.

„Имаме проблем. На последното сослушување изјавив дека ако индустријата не сака да ги решава овие прашања, ќе мораме и ние да се вклучиме со законодавството“, изјави  Даен Фајнстајн, сенатор.

„Направени се неколку барања за сослушување, но сега сме во советодавна фаза. Она што го направи Фејсбук е многу сериозно. Нарушена е приватноста. Ќе ги разгледаме, но не можам да ветам ништо засега“, вели Чак Грасли, сенатор.

„Од суштинска важност е да го разјансиме ова. Се надевам дека ќе се изјаснат платформите на сите социјални медиуми, вклучувајќи го и господин Закерберг“, додава сенаторот Џон Корним.

Поранешниот извршен директор Александер Никс кој беше суспендиран беше тајно сниман во рамките на истрагата на Канал 4, изјавувајќи дека компанијата со седиште во Лондон водела дигитална кампања во полза на Доналд Трамп. Според Кристофер Вајли, поранешен вработен во фирмата, профилите се користеле и за кампањата за Брегзит.

„Правев грешки, жалам за нив. Сега морам да им кажам на луѓето и да најдам начин како да ги исправам. Испратив предлог на Универзитетот во Кембриџ за моделирање на личност со микротаргетирање и предвидување на политичкото однесување преку психометриски податоци. Му го покажав истражувањето на Никс и беше воодушевен. Потоа атмосферата во комапнијата почна да се менува. Никс е тежок за соработка. Степенот до кој нѐ малтретираше стана неподнослив, згора на тоа, работевме за налудничав кандидат“, изајви Кристофер Вајли.

Недовербата кај акционерите и инвеститорите се зголеми и поради соработката со рускиот аналитичар Александар Коган, креаторот на алатката за користење на податоците, кој тврди дека не знаел за планот за злоупотреби на апликацијата со цел да се моделира човековото однесување на социјалните медиуми. Истрага почна и специјален обвинител од Масачусетс.

 

Маја Филдишев